ЈАВЕН ПОВИК - за пријавување на здруженија Во програмата за јакнење на капацитети во рамки на проектот “Стандардизација на услугите за правна помош кои граѓанските организации ги обезбедуваат на жртвите на семејно насилство”

ЕХО – Штип, од 1 октомври 2012 година го спроведува проектот “Воспоставување на систем за стандардизација на услугите за правна помош кои граѓанските организации ги обезбедуваат на жртвите на семејно наилство”, како имплементирачки партнер на UN WOMAN, во рамки на Регионалниот Стратешки План на UN WOMEN за 2012-2013, во поддршка на остварување на следната долгорочна цел: „Услуги во одговор на насилството врз жените, кои се квалитетни и базирани на потребите на жените - жртви на насилство, се достапни во Македонија“.

 

 

Главната цел на проектот „Воспоставување на систем за стандардизација на услугите за бесплатна правна помош, кои граѓанските организации ги обезбедуваат на жртвите на семејно насилство во Македонија“ е да востанови, да промовира и да стави во функција модел кој ќе го подобри квалитетот и ќе овозможи стандардизирано обезбедување на услугите за бесплатна правна помош од страна на граѓанските организации, кои се легитимни даватели на бесплатна правна помош на жртвите на семејно насилство.

           Воспоставувањето, промоцијата, формализирањето и одржувањето  на системот  за стандардизација на услугите за бесплатна правна помош нуди многукратни бенефиции, како за граѓанските организации, така и за самите жртви на семејно насилство и за општеството во целина. За граѓанските организации овој систем ќе значи обврска за исполнување и придржување кон јасно дефинирани стандарди, ќе им овозможи да ги зајакнат нивните капацитети, да соработуваат со други организации кои обезбедуваат дополнителни услуги за поддршка, да го одржуваат и унапредуваат квалитетот на услугите и да ја обезбедат својата одржливост. Од друга страна, ова ќе значи пристап до ефикасна, навремена, квалитетна и, кон потребите насочена, бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство. За општеството како целина, тоа би значело користење на придобивките од функционирањето на еден поинаков, ефикасен, интегриран и единствен систем на правна заштита на жртвите на

семејно насилство, со што ќе се олесни работата на институциите кои го третираат овој проблем.

             Проектот дава можност организациите кои работат на ова поле во нашата земја, заеднички да работат на унапредување на услугите за правна помош и стандардизација на истите, што е во согласност со актуелните развојни текови во областа на справување со насилството врз жените, конкретно во согласност со одредбите на Конвенцијата на Советот на Европа за борба и спречување на насилство врз жената и семејно насилство која јасно истакнува дека невладините организации се клучни даватели на специјализирани услуги во одговор на насилство врз жените.

Исто така, целите на проектот се компатибилни со поставените цели и задачи на Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година, која дава насоки за зголемување на јавната свест за семејното насилство, подобрување на квалитетот на сервисите наменети за жртвите, унапредување на координацијата меѓу институциите и стандардизација на сервисите. Во Стратешкатата област 3.1.2. - Заштита, помош и поддршка на жртвите , како резултат е предвиден Развиен Стандард за услугите кои ги обезбедува НВО секторот“, преку Активност која се состои од Формирање на работна група за развивање на Стандард за услугите кои ги обезбедува НВО секторот“.

Ваквите стратешки заложби одат во прилог на визијата, целите, активностите и резултатите на група граѓански организации кои работат на полето на обезбедување на бесплатна правна помош на жртвите на семејно насилство

Имено, тригодишната работа на овие организации, поддржани од UN WOMEN, резултираше со развивање, примена и усвојување на стандарди за услугите за БПП кои граѓанските организации ги обезбедуваат на жртвите на семејно насилство, на што се надоврзува актуелниов проект.

Проектот се фокусира на воспоставувањето на систем, односно модел за стандардизација на услугите кои ги даваат невладините организации, со цел да послужи како пример за подигнување на нивото на квалитет на работата на самите невладини организации, во смисла на исполнување на одредени структурни и функционални стандарди.

Заради остварување на проектните цели, ЕХО спроведува низа на активности, меѓу кои и функционирање на Тренинг центар за јакнење на капацитетите на граѓанските организации со цел да се стекнат со статус на стандардизирани даватели на бесплатна правна помош на жртви на семејно насилство, како и на Стручно тело за стандардизација и сертификација на услуги за бесплатна правна помош кои граѓанските организации ги обезбедуваат за жртвите на семејно насилство, чија улога се состои од оценување, сертифицирање и следење на квалитетот на услугите на оние граѓански организации кои исполнуваат одредени утврдени стандарди, а кои се во согласност со препораките на Советот на Европа.

Тренинг центарот ќе реализира серија на основни и напредни обуки за заинтересираните организации кои ги исполнуваат условите за учество

 

Теми кои ќе се опфатат преку основните обуки:

  • Потребни минимум просторни, технички и кадровски услови, односно структурни и функционални стандарди за започнување со обезбедување на правна помош;
  • Подготовка на организациски процедури за работа и постапки за прием и превземање случаи;
  • Обезбедување на бесплатна правна помош во согласност со Законот за бесплатна правна помош;
  • Доверливост на податоци и информации.

 

Напредните обуки ќе вклучуваат теми за:

  • Работење во согласност со Законот за заштита на личните податоци;
  • Примена на електронска база на податоци, унифициран образец за евидентирање на случаите, архивирање;
  • Интерна комуникација       и односи со јавноста;
  • Работење во согласност со процедурите за ефикасна комуникација и соработката помеѓу институции и невладините организации кои го третираат проблемот на СН.
  • Справување со ефектите на „burnout

 

Услови за пријавување:

На обуките можат да се пријават здруженија/организации кои имаат искуство во работа со жртви на семејно насилство, а сметаат дека исполнуваат минимум услови за обезбедување на правна помош на жртвите, во смисла на технички и кадровски капацитети.

Заинтересираните организации треба да достават портфолио со контакт информации и листа на реализирани активности/проекти со поширок осврт на реализирани проекти/активности од сферата на обезбедување поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство.

 

Модел на стандардизација и сертификација

На организациите кои ќе се пријават на повикот ќе им се направи проценка на актуелната состојба во однос на капацитетите за исполнување на стандардите од страна на Стручното тело за стандардизација и сертификација (кое е составено од претставници на невладини организации, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и Завод за социјални дејности) преку посети, интервјуа и разговори.

Врз основа на проценката ќе се формираат групи за учество на основните, односно напредните обуки кои ќе ги организира Тренинг центарот.

Стручното тело, исто така ќе врши мониторинг и ќе дава препораки за унапредување на услугите, со цел исполнување на стандардите.

По завршување на циклусот обуки и работа со заинтересираните организации, ќе се спроведе евалуација/проценка на услугите кои ги даваат здруженијата на жртвите на семејно насилство и организациите кои ги исполниле минимум стандардите за обезбедување на правна помош на жртви на семејно насилство ќе се стекнат со сертификати за исполнување на стандарди за обезбедување на правна помош на жртви на семејно насилство.

Пријавите треба да се достават најдоцна до 12 февруари 2013 година, на следнава е-маил адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

За сите дополнителни информации, можете да се обратите на контактите на организацијата.