ЕХО Едукативно-хуманитарна организација - Штип се стекна со овластување да обезбедува бесплатна правна помош

Со решение за давање овластување на здружение на граѓани за давање на претходна правна помош УП1.бр.11-761/11 на Министерството за правда на Република Македонија, ЕХО се стекна со овластување за давање на бесплатна претходна правна помош врз основа на Законот за бесплатна правна помош

(Сл. Весник на Р.М бр. 161/2009) и се запиша во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош, со што стана прво овластено здружение од Источниот регион за давање на бесплатна правна помош.

ЕХО Штип има повеќегодишно искуство во обезбедување заштита за ранливи и маргинализирани групи на граѓани, со посебен акцент на заштита на жртвите на семејно насилство. Здружението има вработено лице дипломиран правник со положен правосуден испит и е осигурано од одговорност за сторена штета од дадената правна помош, со што се гарантира професионалноста и квалитетот за обезбeдената правна помош.

Од 2011 година ЕХО е дел од мрежата за бесплатна правна помош која е составена од 6 здруженија. Преку мрежата здруженијата разменуваат податоци, контакти и искуства. Мрежата за бесплатна правна помош работи на обезбедување на бесплатна правна помош за ранливите категории на граѓани, следење на примената на Законот за бесплатна правна помош, како и промоција на правото на бесплатната правна помош помеѓу граѓаните. Како резултат на препознатливоста, претставници од мрежата се дел од работната група за измени на Законот за бесплатна правна помош.

Досегашните активности на мрежата вклучуваат и изработка на информативен веб портал www.pristapdopravda.mk и водич за најчестите судски и управни постапки, бесплатна телефонска линија за промоција на правото на бесплатна правна помош, како и публикување на годишен извештај за примената на ЗБПП за 2011 година под наслов „Бајка или реалност“ – Бесплатната правна помош во Р.М“.

Фокусот на овластените здруженија е, пред се, зголемување на информираноста на т.н ранливи категории граѓани (лица кои живеат во крајна сиромаштија и во субстандардни услови, бегалци, лица без документи, баратели на право на азил, деца и млади, жртви на семејно насилство, лица кои злоупотребуваат алкохол и психотропни супстанции) за правни прашања кои се однесуваат на нивната специфична положба (социјална заштита, здраствено осигурување, семејни прашања, работни односи, имотно правни прашања). Обемот на правната помош која ја обезбедуваат овластените здруженија вклучува обезбедување на општи правни информации, иницијални правни совети, како и правна помош во поднесувањето на барањата за бесплатна правна помош.  Доколку постои потреба од застапување во управна и судска постапка, здруженијата обезбедуваат правна помош во подготовката и поднесувањето на барањето за бесплатна правна помош до надлежното подрачно одделение на Министерството за правда.

ЕХО - Штип е отворено за соработка со државните органи во насока на олеснување на пристапот до правда за ранливите категории на граѓани, преку зголемување на нивната информираност за правата, како и за начините на остварување и заштита на правата. Здружението ЕХО - Штип е единствено овластено задружение за претходна правна помош во Источниот регион на Македонија и со останатите овластени здруженија од мрежата за бесплатна правна помош ги покриваат поголемите градски центри во државата, поради што е особено корисна соработката на локално и регионално ниво. За информации околу активностите на здружението ЕХО од Штип, како и мрежата, сите заинтересирани граѓани можат  да се обратат на нашите контакти.