95 граѓани добија претходна правна помош од овластеното здружение ЕХО од Штип, 22.11.2013

eho 400 За шест месеци работа како овластено здружение за давање на претходна правна помош, 95 граѓани од Штип и околните општини се обратиле во здружението ЕХО од Штип за помош како да ги надминат своите правни проблеми. На сите граѓани им беше дадена претходна правна помош во вид на општа правна информација и иницијален правен совет за правото на користење на правна помош, а на 9 граѓани

од Штип, Пробиштип, Злетово, Скопје и Кавадарци ЕХО им помогна во комплетирањето и поднесувањето на барања за бесплатна правна помош до подрачните одделенија на Министерството за правда. Заштита од семејно насилство, имотно-правните прашања и заштитата на правата од областа на социјалното и здравственото осигурување се најчести проблеми за кои граѓаните бараат бесплатна правна помош поради неможноста самите да ги платат адвокатските услуги, без притоа да им биде загрозена сопствената и издршката на семејствата.

     Во осум од девете поднесени барања, бесплатна правна помош се бара за заштита на жртви од семејно насилство, а во еден случај за имотно-правно прашање. Досега се одобрени две барања за заштита на жртви на семејно насилство, а за останатите сеуште се чека одлуката на Министерот за правда. Поради потребата од итна и навремена заштита на жртвите од семејно насилство, законодавецот предвидел по овие барања да се постапува веднаш, но во пракса евидентно е надминување на законскиот рок од 20 дена за одлучување, што ја отежнува ефикасната правна заштита и онака тешката положба на жртвите на семејно насилство.

     За едно од двете одобрени барања за бесплатна правна помош за заштита од семејно насилство, од страна на избран адвокат беа покренати две судски постапки, и тоа за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и за развод на бракот. Судот досега ги изрече привремените мерки за заштита од семејно насилство, а се очекува завршување и на постапката за развод на бракот, со што корисникот на бесплатна правна помош доби бесплатна, професионална и сеопфатна зашита на своето право на живот без насилство.

     Поради ограничувачкиот Закон за бесплатна правна помош, мрежата  на овластени здруженија за давање бесплатна правна помош побара олеснување на условите за стекнување на правото на бесплатна правна помош преку измени на Законот за бесплатна правна помош , бидејќи и по три години од примената на законот, сеуште е мал бројот на поднесени барања за одобрување на бесплатна правна помош.  

 

Благица Киров
Здружение ЕХО Штип
Контакт тел.: 032/384-143,  е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.