Повеќе од 1.000 сиромашни граѓани добија претходна правна помош во 2013 година

Овластените здруженија за бесплатна правна помош1 во текот на 2013 година обезбедија претходна правна помош за повеќе од 1.000 сиромашни граѓани кои имаа правни проблеми. Претходната правна помош вклучуваше обезбедување на правни информации и правни совети. За 60 од нив, кои имаа потреба од поведување судски постапки за заштита на правата, беше побарано одобрување на адвокат кој ќе го плати државата, согласно Законот за бесплатна правна помош. Со обезбедената правна помош на оваа ранлива категорија на граѓани им беше овозможено да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, а кои се однесуваат на основни егзситенцијални прашања како што се: имотно-правните проблеми, правата од работен однос, семејно - правните прашања, социјалната заштита и правата од пензиско и инвалидско осигурување.

Овој резултат е постигнат и покрај проблемите со кои се соочија овластените здруженија при работата согласно Законот за бесплатна правна помош (Законот). За проблемите од спроведувањето на Законот здруженијата повеќе пати укажаа. Тесниот опфат на лицата кои имаат право на бесплатна правна помош, долгата постапка за одобрување на барањата за бесплатна правна помош, недоволната уреденост на определени важни прашања, неопфатеноста на судските такси и трошоците за вештачење се основните проблеми кои спречуваат Законот да биде вистинскиот инструмент кој ќе го олесни пристапот до правда за сиромашните граѓани. Од друга страна овластените здруженија се соочија со непрецизно уредена претходна правна помош поради која е невозможно да ги наплатат реалните трошоци кои ги имаат вршејќи ја оваа дејност од јавен интерес. Во исто време овластените здруженија не смеат да користат било каков облик на реклама за да се промовираат во своите заедници што исто така го отежнува информирањето на јавноста за можноста да добијат претходна правна помош.

Споменатите проблеми беа видливи уште при самото донесување на Законот, за што беше укажувано од здруженијата, но во 2013 година сепак Законот не беше суштински изменет иако во 2012 година беше формирана работна група за измени на Законот. Наместо целосна измена на Законот за бесплатна правна помош Министерството за правда пред кусо време предложи измена на Законот која само треба да го усогласи со Законот за правда на децата. Овластените здруженија изработија и поднесоа мислење за Законот кое беше поставено на системот ЕНЕР, но и до пратениците.

Овластените здруженија и понатаму ќе останат посветени на олеснување на пристапот до правда за најсиромашните граѓани, а во исто време ќе бараат суштински измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош.